Spartak Site Admin

Joined: 08 Aug 2007 Posts: 96 Location: Skopje, Republik of Macedonia
|
Posted: Fri Sep 21, 2007 10:02 am Post subject: ИМПОЗАНТНО АРХЕОЛОШКО ОТКРИТИЕ |
|
|
Откопан Стоунхенџ во прилепско Бонче
Eдна комора од гробницата е од 4 век пред новата ера, велат истражувачите
[Станува збор за македонски тип гробница, заокружена со прстен од масивни камени блокови]
Стоунхенџ во Македонија е првиот впечаток што се добива кога ќе ја видите чудната гробница што археолозите веќе месец и половина ја „откриваат“ од цврстите канџи на земјата. Тие велат дека е единствена во светот и дека во неа бил погребан некој од македонските кралеви. Била ограбена уште во антиката, но научниците веруваат дека еден дел од гробницата со векови одолевал на алчните раце на трагачите по неоткриени богатства. Археолозите сметаат дека една комора е сочувана уште од 4 век пред новата ера, кога во монументалното здание бил погребан висок достоинственик за кого била изградена гробницата. Сепак, додаваат тие, и да е празна комората, доволно е што откривме објект единствен во светот - македонски тип гробница, заокружена со прстен од масивни камени блокови.
Гробницата се наоѓа во регион што е многу актуелен во археологијата во последната година. Јавноста најмногу го памти по остатоците од македонските штитови што лани беа откриени близу прилепското село Бонче. Гробницата се наоѓа на 900 метри од местото на кое беа штитовите, под планината Висока.
Засведениот дел е долг 11, а висок 3 метри. Ѕидана е од камени блокови, без малтер. Сите блокови се фино обработени, делкани и спојувани еден со друг. Тежат од два до три тони. Меѓу нив има рабови од неколку милиметри. Прстенестиот ѕид е откриен речиси половина. Западниот дел е состеван од два реда блокови и е висок 1,20 метри. Источниот дел од прстенот има четири реда блокови, а висок е 1,80 метар. Археолозите ја откриле пристапната патека кон гробницата, која била делкана во карпа, а потоа била обложена со големите камени блокови. Патеката, преку скали води до засведениот дел чиј под е изделкан во карпа.
- Гробницата била опкружена со прстенот, па врз неа била нафрлана земја како тумба. Што поголема тумба, толку е поважен покојникот. Според начинот на кој е изградена, тука можел да почива само крал. Не постои друг човек што во тоа време, па и денес, може да плати такво погребување. Ова е единствена ваква гробница во светот. По концепција е слична на македонски тип гробници, како таа во Вергина, но со елементи што останале од железното време - прстенот - објаснува археологот Антонио Јакимовски, раководител на ископувањата.
Истражувањата покажале дека гробницата била ограбена уште во античко време.
Доказ за тоа се скелетните гробови од доцната антика, од 4 до 6 век. Надвор од прстенот има осум детски гроба, сиромашни, направени од од полуобработени камени плочи. Веројатно во подоцнежните векови било култно место.Виктор Лилчиќ, раководител на проектот „Висока и старо Бонче“ во чии рамки се врши ископувањето, вели дека е можно комората да била еден од влезовите за кралското семејство во гробницата.
- Кругот го симболизира космосот. Горната полутопка е местото каде што живеат боговите и каде што сакаат да престојуваат и кралевите - објаснува Лилчиќ.
Тој вели дека гробницата била опљачкана уште во 3 век пред новата ера, но го задржала монументалниот изглед. Во доцната антика повторно била „превртена“. Германската војска, која била на Висока во Првата светска војна, ги спровела првите неофицијални археолошки ископувања.
Лилчиќ на планината Висока пред неколку години пронајде големи камени блокови за кои тврди дека се остатоци од кралски дворец, упориште на големците од градот Пелагонија, главниот град на Македонија Четврта.
Во истражувањата на гробницата учествуваат и Александар Миткоски од Музејот во Прилеп, студентите по археологија Катарина Касапинова и Дејан Кебакоски и работници од селото Бонче. Ископувањата ќе продолжат напролет.
Весна Ивановска _________________
 |
|